Западот согласен за одржување на санкциите кон Русија

Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел се согласуваат дека економските санкции против Русија треба да продолжат до „целосната имплементација“ на вториот мировен договор од Минск и руското почитување на суверенитетот на својот сосед. Двајцата лидери се сретнаа денеска во Баварија, пред одржувањето на редовниот самит на лидерите од Групата седум (Г7) најразвиени индустриски економии. Соединетите Американски Држави и европските сојузници изрекоа неколку рунди економски санкции кон Русија, откако минатата година земјата го анектираше Полуостровот Крим од Украина. Меркел изјави дека Москва засега треба да остане надвор од Г7 „заедницата на вредности“, поради нејзините акции во Украина. Вториот мировен договор од Минск од февруари е со цел да се стави крај на борбите во Украина. И покрај тоа што после договорот има голем пад на интензитетот на борбите, тој редовно се прекршува при што и двете страни се обвинуваат меѓусебно. Западот ја обвинува Русија за поддршка на сепаратистите во источна Украина, а Русија тоа го негира.