Воени вежби на Русија и Египет

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски и египетски воени бродови ја започнале нивната досега прва поморска воена вежба во Средоземното Море. Министерството соопшти дека осумдневната воена вежба во близина на египетското пристаниште Александрија која започна вчера, е наменета за практикување на заштита на крајбрежните области. Предвидено е вежбата да трае до 14 јуни. Министерството соопшти дека вежбата ќе вклучи снабдување и комуникација на море, операции за пребарување, сите форми на одбрана на море и вежби за гаѓање. Русија учествува во вежбата со ракетниот крстосувач Москва, заедно со други четири бродови, како и Египет кој исто така учествува со пет бродови. Русија ги негува врските со Египет, кој беше советски сојузник голем дел од Студената војна и традиционален пазар за извоз на руското оружје. Русија минатиот месец во Средоземното Море одржа слични воени вежби со кинеска ескадрила.