Протест пред Влада на 4-годишнината од убиството на Мартин Нешкоски

Граѓанското движење „Протестирам“ најави дека денеска во 18 часот ќе биде одржан протест пред Владата во Скопје каде ќе биде побарана правда за убиството на Мартин Нешкоски кое се случи на истиот датум пред четири години. Во најавата на фејсбук страницата на „Протестирам“ се вели дека „и по четири изминати години од грозоморното убиство на Марин Нешкоски од страна на припадник на Министерството за внатрешни работи и дел од обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, народот не престана да се бори за откривање на одговорноста на институциите кои се уште ја лажат цела Македонија и ја прикриваат вистината злоупотребувајќи ги институциите за свои лични и криминални цели“, се вели во најавата.

Семејството на Мартин Нешкоски вчера во Јавното обвинителство поднесе кривични пријави против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, против Дејан Митревски, познат како Урко и против премиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.