САД ги поздравија преговарачките напори на еврокомесарот Хан

Заменикот државен секретар на САД, Ентони Блинкен вчера вечер во Вашингтон се сретнал со комесарот на Европската унија, Јоханес Хан да разговараат за самитот на Источното партнерство на Европската унија што се одржа во Рига и особено се фокусирале на Украина, Грузија, Србија, Македонија, Босна и Молдавија.

Во врска со Македонија, заменик секретарот Блинкен ги поздравил успешните напори на комесарот Хан на почетокот на неделава и воедно ги поздравил лидерите на македонската Влада и на опозицијата, кои како што рекол, ја реафирмирале својата посветеност на евро-атланските принципи, меѓуетничките и добрососедските односи, во очекување на предвремените избори кои ќе се одржат до крајот на април 2016 година.

Заменик секретарот истакнал дека патот напред за Македонија нема да биде лесен, но дека Соединетите Американски Држави, заедно со европските партнери ќе бидат активно ангажирани да се поддржи Македонија во решавање на овие предизвици и исполнувањето на целта за евро-атланска интеграција.

Хан е во неколкудневна посета на Вашингтон, каде имал средби и со помошникот државен секретар Викторија Нуланд, советници во Белата куќа и со конгресмени ангажирани на балкански прашања.