Обама: Европа да не попушта со санкциите против Русија

Американскиот претседател Барак Обама

Американскиот претседател Барак Обама планира во текот на претстојниот викенд да ги повика европските лидери да не ги олеснуваат санкциите против Русија поради кршењето на примирјето во источна Украина. Заменик советникот за национална безбедност Бен Роудс изјави дека е многу важно санкциите да останат и оти треба време тие да ги донесат посакуваните ефекти. Претседателот Обама ќе учествува на самитот на Групата седум индустриски развиени земји кој почнува в недела во близина на германскиот град Минхен. Обама претходно ќе има билатерални средби со германскиот канцелар Ангела Меркел и со британскиот премиер Дејвид Камерон. Европските лидери мора наскоро да решат дали да ги прошират своите санкции спрема Русија.