Хан утре во САД за Западен Балкан

Еврокомесарот Јоханес Хан.

Еврокомесарот Јоханес Хан, од утре ќе престојува во тридневна посета на САД. Тој во главниот град Вашингтон е предвидено да се сретне со претставници на американската администрација и на Конгресот, со кои ќе разговара за најновите случувања во земјите од проширувањето на Европската унија, со посебен акцент на резултатите од Самитот на Источното партнерство во Рига и ситуацијата во земјите од Западен Балкан.

Тој исто така ќе размени и мислења за прашања од надворешната политика и евроатланската соработка со Атлантскиот совет. Посетата, исто така, ќе обезбеди можност еврокомесарот за проширување да дискутира и за клучни предизвици, да ги координира со своите американски колеги инвестициските приоритети и да размени мислење за понатамошно зајакнување на постојната соработка со меѓународните финансиски институции, меѓу кои и ЕУ, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.