Почна средбата на Хан со Груевски и Заев

Резиденцијата на ЕУ во Скопје

Во резиденцијата на ЕУ во Скопје предмалку почна средбата на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев. Груевски, кој на средбата дошол пред еден час, е придружуван од министрите за надворешни работи и за здравство Никола Попоски и Никола Тодоров и шефот на неговиот кабинет Мартин Протеоѓер, а Заев е заедно со заменик претседателот на партијата Радмила Шеќеринска и портпаролот Петре Шилегов.

„Евро комесарот Јоханес Хан на состанокот со партиските лидери во Скопје ќе ја истакне итноста да се најде решение за надминување на сегашната криза што е можно побрзо и со заемна посветеност на клучните предизвици со кои се соочува земјата“. Вака вчера Маја Коцијанчич, портпаролот на еврокомесарот за разговори за проширување, ја најави неговата денешна посета на Македонија. Таа додаде дека не сака да шпекулира дали Хан доаѓа со некакви предлози за решавање на кризата. „Она што комесарот ќе го стори е потенцирање на потребата и итноста од наоѓање на решение за надминување на сегашната криза и во овој контекст треба да гледате и на неговата посета“, рече таа.