Заев-Кризата да се реши мирно и без насилство

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека местото на Македонија е во ЕУ и НАТО и преку европските институции прави се за да се надмине политичката криза во земјата, која го загрижува целиот регион. Тој порача и дека кризата треба да се реши согласно европската традиција и пракса, по мирен начин и без насилство и не сакаат повторувања на сценарија како во Украина. Според него, на средбата со еврокомесарот Јоханес Хан во вторник заедно ќе се обидат да навлезат во преговорите и по примерот на Бугарија да направат техничка Влада, без влијанија на власта и опозицијата. По што, како што нагласи тој ќе следат фер и демократски избори и народот ќе одлучи во кој правец ќе се движи Македонија и кој ќе ја води.

Борисов изјави дека Македонија ја има поддршката од Бугарија за евроатланската интеграција на земјата и очекуваат по демократски пат да се реши политичката криза. Тој нагласи и дека се против сите намери за федерализација на Македонија. На средбата присуствувал и шефот на бугарската дипломатија Даниел Митов и претставникот на бугарските социјалисти Јанаки Стоилов.