Обама со осуда на се поагресивниот руски став спрема Украина

Американскиот претседател Барак Обама го осуди се поагресивниот став на Русија спрема истокот на Украина каде што во борбите меѓу провладините сили и сепаратистите од април лани досега загинале над 6 илјади и сто луѓе. Говорејќи во Белата куќа по средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг тој побара од Русија да престане да ги поддржува сепаратистите и да ги повлече своите сили од источна Украина. Обама и Столтенберг ги повикаа сите страни да ја почитуваат спогодбата што во февруари годинава беше постигната во Минск. Оваа спогодба предвидува прекин на огнот и повлекување на тешкото оружје од тампон зоната меѓу завојуваните страни. И покрај тоа скоро секојдневно доаѓа до спорадични судири.