Пакистан бара меѓународна помош за истрага за фалсификувани дипломи

Пакистан соопшти дека ќе побара меѓународна помош во истрагата за фирмата со седиште во Карачи осомничена дека заработува милиони долари годишно преку продавање на лажни академски дипломи. Министерот за внатрешни работи Чадру Нисар Али Кан вчера објави дека неговото министерство ќе напише писма до ФБИ и Интерпол во следниве два дена за да побара помош. Првичната истрага во компанијата Аксакт ќе биде готова во следниве десет дена, прецизираше министерот. Потегот на пакистанските власти доаѓа откако Њујорк Тајмс објави текст во кој се наведуваше дека фирмата воспоставила мрежа на стотици интернет страници за фиктивни факултети. Во него се цитираа поранешни вработени и клиенти од САД, Британија и Обединетите Арапски Емирати кои платиле стотици илјади долари за нивните дипломи. Аксакт обвини дека текстот бил неоснован, субстандарден и клеветнички.