ССНМ: МВР итно да ги открие сторителите на нападот врз Ивановски

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска реагираше за вчерашниот физички напад врз Саше Ивановски, сопственик на интернет страницата Мактел.

“ Крајно наелектризираната атмосфера во која фукнционира општеството доведува до вакви примитивни постапки, а неоткривањето на сторителите во некои претходни случаи ги охрабрува насилниците. Претепувањето на јавни личности е доказ дека во општеството не постои слободата на изразување и право на поинакво мислење” се наведува во соопштението на ССНМ.

Во него се бара од Министерството за внатрешни работи итно да ги открие сторителите, да ги изведе пред лицето на правдата и за тоа да ја информира јавноста, со што, како што пишува, ќе покаже дека во оваа земја никому не му е дозволено разликата во мислењата да ја решава со насилство.

“Во спротивно атмосферата на страв и насилство ќе биде дефинитивно востановена. Потсетуваме дека во демократска држава каква што треба да биде Македонија секој има право на слободно изразување, а доколку некој смета дека му се повредени честа и угледот има институции и организации до кои може да се обрати” се наведува во соопштението на ССНМ.