Шимоновиќ-Кризата може да се реши

Иван Шимоновиќ, помошник генерален секретар на Обединетите нации за човекови права.

Помошникот на генерален секретар на ОН за човекови права Иван Шимоновиќ, кој е во посета на Скопје денеска изјави дека силно верува оти кризата во земјата може да се реши и го поздрави отворањето на дијалогот меѓу Владата и опозицијата. Според него, неопходно е да се прошири дијалогот и во него да се вклучи и граѓанското општество со цел да се изгради доверба.

Шимоновиќ оцени дека има потреба од брза, сеопфатна и независна истрага, како за инцидентите во Куманово, така и за инцидентите поврзани со прислушувањето.Тој смета и дека за прашањето со Куманово ќе биде потребна и одредена меѓународна помош. Тој изрази уверување и дека продолжувањето со реформите за пристапувањето кон ЕУ, во рамката поврзана со човековите права и нејзините одредници, обезбедува јасен пат по кој што треба да се движи Македонија.