Анти-владин протест во Скопје

Опозициските партии предводени од СДСМ поддржани од повеќе граѓански организации денеска пред Владата ќе одржат протест против актуелната власт.
Протестот е најавен како ненасилен и во име на граѓаните на Република Македонија и, според најавите, е почеток на една активност што ќе трае и треба да заврши, како што велат организаторите, со оставка на премиерот.
- Нашата заедничка акција ќе трае до дефинитивниот пад на власта која ни ја одзеде слободата, живејачката и иднината, се вели во Декларацијата на организаторите објавена на нивната веб - страница.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека 4.600 активисти се пријавиле да учествуваат во нивната акција и оти тие ќе бидат во Скопје се додека власта не си замине.
Најавено е присуство на граѓани од цела Македонија, а на протестот ќе има обраќања и на европски пратеници.