Објавени заклучоците од седницата на Советот за безбедност

Обраќање на Претседателот Ѓорге Иванов по седницата на Советот за безбедност.

Министерството за внатрешни работи да изработи писмена информација за безбедносната состојба во Македонија и да ја достави до Советот за безбедност и притоа да продолжи во континуитет да ја информира јавноста за безбедносните настани во земјата. МНР да изготви акт за информирање кон меѓународните организации и странски држави за актуелната безбедносна состојба и настаните во Гошинце на 21 април и Куманово и Липково на 9 и 10 мај. Сите надлежни институции од областа на безбедноста и одбраната да преземат мерки во рамки на нивните законски надлежности. Да се интензивира регионалната и меѓународната соработка за спротивставување и заштита од тероризам со цел во иднина да се превенираат насилни акти во Македонија.

Тоа се заклучоците од седницата на Советот забезбедност што се одржа во неделата, а беше свикана од претседателот на државата Ѓорге Иванов. На седницата на Советот за безбедност, во проширен состав, присуствуваа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, членовите на СБ Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини, како и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Талат Џафери од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.