Амбасадорите и од Ахмети побараа истрага за злоупотребите

Амбасадорите на Италија, Франција, Германија, САД, Велика Британија и на ЕУ денеска по средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети го оценија како конструктивно однесувањето на партијата за време на настаните од изминатиот викенд. Тие оценија дека како член на владината коалиција ДУИ ја дели одговорноста за унапредување на демократските вредности и принципи во земјата.

Според амбасадорите, партијата има обврска да помогне во изградбата на институциите на државата и да осигура дека откриеното во објавените прислушувани разговори ќе биде целосно истражено на транспарентен и веродостоен начин. Тие изразуваат надеж и дека ДУИ ќе заземе став и ќе го искористи своето влијание за доброто и иднината на сите македонски граѓани.