Амбасадорите до Груевски-Сериозен сомнеж за посветеноста на Владата

Американскиот амбасадор Џес Бејли

Амбасадорите на САД, Франција, Италија, Велика Британија, Германија и Европската Унија по средбата со премиерот Никола Груевски во Владата соопштија дека го осудуваат насилството и изразија сочувство за смртта на припадниците на безбедносните сили и поддршка за жителите на Куманово по нападот во Дива Населба изминатиов викенд.

Според соопштението тие ги изразиле нивните грижи до премиерот дека неговата Влада не направила прогрес во контекст на многу од обвинувањата кон Владата кои произлегле од прислушувањето. Тие посочуваат дека тоа континуирано непреземање на дејствија фрла сериозен сомнеж врз посветеноста на Владата на Македонија за демократските принципи и вредности на евроатланската заедница. Постојаниот неуспех да се демонстрира оваа посветеност со конкретни дејствија ќе го наруши прогресот на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО, се вели во соопштението.

Амбасадорите ги посочиле и нивните очекувања во однос на прислушувањата кои откриваат неприфатливо однесување, при што потребни се соодветни политички и правни мерки за одговорните со цел да се постапи по слабостите на институциите кои се видливи од прислушувањето. Тие бараат Владата да размисли за специфични реформи, вклучувајќи го интегритетот на изборниот систем, слободата на медиумите, независноста на судството, слободата на говорот и заштита за таканаречените „протекувачи на информации“.