Иванов побара деблокада на евроатланските интеграции

Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со амбасадорот на САД Џес Бејли, евроамбасадорот Аиво Орав, шефот на Мисијата на ОБСЕ Ралф Брет, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО капетан Румен Радев и амбасадорот на Република Турција Омур Шолендил како НАТО контакт амбасадор .

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со американскиот амбасадор Џес Бејли, евроамбасадорот Аиво Орав,вршителот на должноста шеф на Мисијата на ОБСЕ Мариане Берец, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО капетан Румен Радев и амбасадорот на Турција, Омур Шолендил, како НАТО контакт амбасадор. На средбата претседателот ги информирал соговорниците за вчерашната седница на Советот за безбедност, при што биле разменети информации и мислења за последните случувања во Куманово и безбедносната состојба во Македонија. Иванов посочил дека се дадени конкретни насоки за соодветно постапување на сите институции на безбедносниот систем, со цел да се спречи евентуално ескалирање на тензиите и дестабилизација на државата.

Иванов уште еднаш ја истакнал потребата за поддршка од меѓународната заедница во интерес на стабилноста на Македонија, како и стабилноста и безбедноста на целиот регион. Тој побара и да се вложат максимални напори со цел деблокада на евроатланските интеграции. Последните политички случувања во државата се резултат, покрај другото и на долготрајната статус кво ситуација во однос на евроатлантските интеграции, која остава простор за најразлични обиди за дестабилизација и за разни видови шпекулации.