Притвор од 30 дена за членовите на терористичката група

Оштетени куќи во Дива населба во Куманово после полициската акција против вооружена група.

Скопскиот Основен суд на 30 приведени членови на терористичката група им определи мерка притвор во траење од 30 дена. Станува збор за 18 лица, државјани на Косово, две лица државјани на Македонија со привремен престој во Косово, 9 лица државјани на Македонија и едно лице албански државјанин со престој во Германија.

Повеќето од нив соопштиле дека во Македонија се влезени на илегален пат.Дваесет и три лица, како што стои во соопштението, заради основано сомнение дека ги сториле кривични дела терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, здружување заради непријателска дејност, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Останатите седум лица заради основано сомнение за кривичните дела терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и здружување заради непријателска дејност.