Повредени полицајци и демонстранти на протестот пред Владата

Повеќе од дваесет полицајци и демонстранти се повредени откако вечерва ескалира протестот пред Владата. Портпаролот на МВР Иво Котевски за МИА изјавил дека повредени се примени на Ургентен центар, во хируршката болница „Свети Климент Охридски“, а има и во Градска општа болница „8-ми септември“. Приведени се демонстранти, а според Котевски повеќе информации МВР ќе соопшти утре.

„Полицијата вечерва беше предмет на досега невиден брутален напад. Полицаецот со посериозни повреди бил нападнат со шипки и бекатон плочки. Демолирани се неколку полициски автомобили, како и државен имот кај Владата“, изјави за МИА Котевски. Во посета на повредените полицајци била и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

По неколкучасовниот протест, што почна во 18 часот, полицијата ја растера толпата граѓани кон околните улици кај Владата, а пристапот кон владината зграда е блокиран.