Полицијата ги растера демонстрантите

Полицијата ја растера толпата која протестираше пред владата, по што демонстрантите се поделија на помали групи и се потиснати по малечките улици околу Илинденска и Климент Охридски. Нашиот репортер од терен јавува дека полицијата удирала по демонстрантите. На ова му претходеа жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата во центарот на Скопје. Мирните протести за барање одговорност поради убиството на Мартин Нешкоски пред четири години, што почнаа попладнево пред владата ескалираа, прво со јајца и домати кон владата, а потоа и со камења и со директни судири меѓу неколкуте илјади демонстранти и полицијата.

Забележавме неколкумина повредени полицајци и демонстранти и неколкумина уапсени демонстранти, но засега нема официјална бројка.

Меѓу они кои што добија ќотек од полицијата беше и новинарот Зоран Иванов, актуелен директор на телевизијата 24 вести.

На улиците беа извадени и водени топови, а демонстрантите запалија неколку контејнери.