ЗНМ бара нова истрага за смртта на Никола Младенов

Здружението на новинари на Македонија бара институциите да формираат мешовита независна комисија, која ќе води нова истрага со цел да ги отфрли или потврди сомневањата во јавноста дека новинарот Никола Младенов не загинал во сообраќајна несреќа, туку дека врз него бил извршен атентат, како еден од чекорите за подобрување на слободата на медиумите во земјава, која според ЗНМ е сериозно загрозена.

Здружението исто така бара укинување на пресудата против новинарот Томислав Кежаровски, укинување на пресудата со која на новинарите на Фокус Јадранка Костова и Владо Апостолов им е наложено да платат околу 9 илјади евра за клевета на директорот на УБК Сашо Мијалков. Тие исто така бараат повлекување на, како што велат, неоснованото обвинение против новинарот Зоран Божиновски за шпионажа.

„Освен тоа, владата треба да престане со јавни пари да ги корумпира македонските медиуми. Сите владини кампањи да бидат стопирани на неодредено време сè додека не се најде решение за трошењето на јавни пари во медиуми“, се наведува во соопштението од ЗНМ по повод 3 мај - Денот на слободата на медиумите во кое се бара и ослободување на МРТ од „стегите на партиската контрола“, како и департизирање и деполитизирање на Агенцијата за медиуми.

„Власта мора да се престане со орекстрирана хајка против новинари кои ја критикуваат нејзината политика. Говорот на омраза мора да престане во сите медиуми оти ваквиот говор не е одлика на професионални новинари. Институциите треба да го санкционираат говорот на омраза во медиуми согласно домашното и меѓународното право“, се наведува во соопштението.