Албанија ги отвора досиејата на Сигурими

Енвер Хоџа - поранешен албански комунистички лидер

Албанскиот Парламент усвои закон со кој им се овозможува на жртвите на поранешниот комунистички режим пристап до досега доверливите досиеја на тајната полиција Сигурими, јави албанската агенција АТА.

Законот вчера бил усвоен со 84 гласа „за“ и 22 гласа „против“ и со него се предвидува поранешните припадници на Сигурими во иднина да бидат исклучени од јавните служби, но оние кои сега вршат јавна функција нема да бидат разрешени.

Албанскиот изолациски комунистички режим во 1990 година беше симнат, по студентските протести. За време на тој режим погубени се околу 7.000 политички противници, а околу 100.000 Албанци се упатени на принудна работа или во казнени логори.