Јапонскиот премиер не оди во Москва за 9 мај

Јапонскиот премиер Шинзо Абе

Јапонскиот премиер Шинзо Абе нема да присуствува на официјалната церемонија за одбележување на 70- годишнината од крајот на Втората светска војна, на 9 мај во Москва. Според портпарол на владата во Токио, причина за тоа е „набиената агенда“. Висок претставник на владата соопшти дека на церемонијата ќе присуствува јапонскиот амбасадор во Русија.

Јапонија имаше упатено покана до рускиот претседател Владимир Путин, но посетата беше одложена минатата година поради конфликтот во југоисточниот дел на Украина. Засега нема одлука за кога е одложена посетата на Путин.

За јапонскиот премиер Абе подобрувањето на врските со Москва се приоритет поради руските енергетски ресурси. Меѓутоа, Јапонија ги следи САД и Европската унија во воведувањето санкции против Москва поради поттикнувањето немири во Украина и анексијата на Крим.