Заев: директна спрега Груевски- МРТВ и приватни медиуми

Денеска го отвораме пакетот за поклопеноста на медиумите од страна на Никола Груевски и неговите соработници, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на почетокот од денешната прес конференција. По ова што ќе го објавиме денеска, истакна тој, ќе стане уште појасно зошто националниот сервис МРТВ пренесува информации што немаат врска со реалноста, како избираат новинари што работат во телевизијата и зошто тие новинари сервилно ја испорачуваат секоја нарачка на Груевски и власта.

Овие снимки ќе ја разобличат и директната спрега на релација Никола Груевски- приватни медиуми, додаде Заев. Ќе ја покажат најбруталната недозволива контрола што ја воспоставил Груевски врз газдите на телевизиите Сител и Канал 5, Горан Иванов и Емил Стојменов. Ќе видите до каде овие сопственици на телевизии се подготвени да се свиткаат пред Никола Груевски по цена не само на интересите на граѓаните, туку и на сопственото елементарно човечко достоинство само за да му се додворат и да добијат некој бизнис, рече Заев на почетокот од објавувањето на новата „бомба“ за криминалите на власта.