Кои ќе бидат заклучоците за Македонија на Советот на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ, кој утре треба да ги усвои заклучоците за Македонија, како што дознава РСЕ од дипломатски извори во Брисел ќе изрази длабока загриженост за влошувањето на ситуацијата во Македонија посебно во областа на владеење на правото, фундаменталните права и слободи на медиумите. Воедно советот ги повикува сите политичките лидери за брзо решавање на посочените проблеми.

„Советот ги повикува сите страни да продолжат со зададените одговорности и да преземат итни мерки за пронаоѓање на одржливо решение, притоа конструктивно да се заложат за обнова на политичкиот дијалог и да ја вратат довербата во институциите врз основа на соодветни политички чекори“.

Според Советот, сите тврдења треба да бидат истражени од надлежните институции, вклучувајќи ги и наводите за погрешното водење на власта, со кои беше запознаена јавноста. Тоа ,како што наведуваат, треба да биде направено со целосно почитување на принципот на независност и пресумпцијата на невиност.

„Советот ја поздравува вклученоста на ЕП во разговорите меѓу власта и опозицијата и ги повикува двете страни да покажат воздржаност и да се фокусираат на што поскоро пронаоѓање на решение за политичката криза во земјата“.