САД - Важно прислушувањето, но и содржината на разговорите

Власта да се посвети подеднакво сериозно на содржината на прислушуваните разговори, колку што ги зема сериозно обвинувањата против лидерот на опозицијата Зоран Заев, порача американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Ји, по средбата со премиерот Никола Груевски.

„Ние ја повикавме владата и нејзините институции да ги земе обвинувањата и инсинуациите за злоупотреби на службената должност, за можното незаконско однесување, многу сериозно, најмалку толку сериозно како што владата ги зема обвинувањата против лидерот на опозицијата, господин Заев“, рече Хојт Ји.

Тој рече дека важен аспект на кризата е правната постапка што се води за прислушувањето, но исто така важен аспект на кризата за кој разговарале се информациите што беа откриени преку снимките што беа објавени.

„Информации за можна корупција на функционери, за можно неприлично влијание на владата врз медиумите и врз судството, за можни изборни злоупотреби и други можни злоупотреби на власта“, рече Хојт Ји.