На привремена слобода Хаг го пушти Горан Хаџиќ

Горан Хаџиќ

Хашкиот суд реши да го пушти на привремена слобода Горан Хаџиќ, обвинет за воени злосторства во источна Славонија од 1991 година до 1993 година. Поранешниот командант на хрватските Срби кој боледува од тумор на мозокот, ќе биде префрлен во Нови Сад, а во притворот во Хаг ќе мора да се врати во мај, се вели во одлуката на Судскиот совет. Хаџиќ нема да може да го напушта Нови Сад, мора на српските власти да им го предаде пасошот и не смее да комуницира со сведоци ниту да дава изјави за медиуми. Судењето кое почна во 2012 година откако беше уапсен по 7-годишно бегство, е прекинато во октомври лани.