Папата одбележа сто години од геноцидот врз Ерменците

Папата Франциско го нарече масовното убивање на Ерменците од отоманските војници за време на Првата светска војна геноцид на неделната миса на која се одбележа 100 годишнината од трагичниот настан. Папата за време на проповедта денеска која се одржуваше во базиликата Свети Петар рече дека минатиот век човештвото поминало низ три масовни трагедии, споменувајќи дека првиот геноцид во 20 век ги погодил Ерменците. Тој додаде дека другите два геноцида во последните сто години биле извршени за време на нацизмот и сталинизмот, но исто така рече дека и во поново време има масовни убиства споменувајќи ги тие во Камбоџа, Руанда, Бурунди и Босна. Франциско на мисата беше придружуван од ерменскиот патријарх Нерсе Бедрос XIX Тармоуни. Претседателот на Ерменија Серж Саркисијан исто така беше присутен на денешната миса. Употребата на терминот геноцид од страна на Папата сигурно ќе ја разлути Турција која признава дека биле убиени голем број Ерменци, но секогаш додава дека стотици илјади Турци исто така биле убиени за време на крвопролевањата пред сто години.