Во Москва средба меѓу Ципрас и Медведев

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во Москва ќе разговара со рускиот премиер Дмитри Медведев за, како што е соопштено од руската влада, разни аспекти на трговската и економската соработка. Средбата е дел од дводневната посета на Ципрас на Русија која загрижи многу официјални претставници на Европската унија која има воведено економски санкции против Москва по анексијата на Крим и поддршката на сепаратистите во источна Украина. Поранешниот комунист Ципрас кој во јануари годинава стана премиер на Грција, вчера се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. По разговорите Путин изјави дека Ципрас не барал финансиска помош или заем од Москва, туку дека дискутирале за економска соработка и за големи енергетски проекти. Тој додаде дека Русија е заинтересирана за инвестирање во пристаништа, аеродроми и гасоводи.