МОН- Математиката нема да биде задолжителна

Претставници на Унијата на средношколците на денешната средба со раководството на Министерството за образование и наука договориле предметот математика да не биде задолжителен за полагање. Предметот ќе биде задолжителен само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно - математичкото подрачје.

На средбата, како што соопштија од МОН, се постигнало и согласност според која министерството во следниот период ќе достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача, приоритет во уписните политики, односно селекцијата, да имаат кандидатите коишто на државна матура го одбрале и го положиле предметот математика. Дополнително, од факултетите во областа на техничките науки, ќе биде побарано да ја разгледаат и можноста за стипендирање на кандидатите коишто во текот на средното образование оствариле високи постигања поврзани со математичките знаења.