Владата ги обединува сите против неа

Архивска фотографија: Стојанче Ангелов

Деновиве, претседателот на Достоинство, генералот Стојанче Ангелов рече дека и со УЧК ќе се здружи ако треба во борбата против режимот.

Во последниот период, противењето на владините политики не е ограничено само на опозициските партии, туку и дел од граѓаните или организации излегуваат со изјави кои главно имаат цел да и се спротивстават на власта. Деновиве и генералот Стојанче Ангелов рече дека и со УЧК ќе се здружи ако треба во борбата против режимот. Неговата изјава предизвика реакција и кај дел од експертите, кои велат дека таа го оценува расположението кон актуелната власт.

Поентата на таа изјава беше да се потенцира дека сите можни здружувања се на маса, само за да се промени оваа власт, јас мислам дека тоа беше целта на изјавата на генералот Ангелов, а не дека ќе влезат во некакви коалициски односи, затоа што ние не зборуваме за избори, ние зборуваме за здружување на граѓани.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Алберт Муслиу вели дека не верува дека тоа здружување ќе оди до детали, туку дека повеќе е израз на незадоволство од однесувањето на владата.

„Поентата на таа изјава беше да се потенцира дека сите можни здружувања се на маса, само за да се промени оваа власт, јас мислам дека тоа беше целта на изјавата на генералот Ангелов, а не дека ќе влезат во некакви коалициски односи, затоа што ние не зборуваме за избори, ние зборуваме за здружување на граѓани, за да се надмине, како што велат, корумпираната власт“, вели Муслиу.

Во овој момент има доста неприродни, би се рекло во нормални околности, повици и отвореност за соработка, што во принцип може и да ја релаксира ситуацијата во Македонија на подолг рок.
Здравко Савески, политички аналитичар.

Професор Здравко Савески коментира дека дел од граѓаните ги иритира начинот на владеењето на актуелниот режим и според начинот на кој се однесува, тоа води кон обединување и соработка на некои навидум неспоиви организации и сили. Овие сојузи главно имаат за цел спротивставувања на владините политики, вели тој. Савески очекува дека меѓусебните контакти, кои ќе бидат остварени на меѓуетничка основа, може да придонесат и за подобрување на меѓуетничките односи.

„Во овој момент има доста неприродни, би се рекло во нормални околности, повици и отвореност за соработка, што во принцип може и да ја релаксира ситуацијата во Македонија на подолг рок. Особено за нагласување е дека има доста повици за соработка меѓу албански и македонски политички субјекти, тоа во Македонија, како поделено општество, е исклучително потребно“, вели Савески.

Според Муслиу, поврзувањето повеќе би било граѓанско, а не политичко.

„Не верувам дека тоа би одело до структурни здружувања, затоа што ние не зборуваме за избори, туку за граѓанско организирање. Во секој случај, само како изјава двете страни ќе имаат заеднички именител - промена на власта и демократизација на општеството“, вели Муслиу.