Напредок во разговорите за иранската нуклеарна програма

Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф.

Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф изјави дека е направен напредок во разговорите за иранската нуклеарна програма во швајцарскиот град Лозана за постигнување првичен договор за ограничување на нуклеарните капацитети на Техеран во замена за олеснување на западните санкции. Зариф даде изјава по одделните средби со министрите за надворешни работи на Франција и на Германија, Лорен Фабиус и Франк-Валтер Штајнмаер, кои денеска пристигнаа во Лозана.

„Мислам дека има многу знаци дека може да се движиме напред“, рече Зариф.

Претходно шефот на иранската дипломатија се сретна со американскиот државен секретар Џон Кери.

Се очекува на разговорите во Лозана да се приклучат и министрите за надворешни работи на Русија и на Велика Британија, како и висок кинески претставник.

Крајниот рок до кога треба да се постигне договор е 31 март.