Осудените во „Монструм“ бараат од СДСМ да објави разговори за случајот

Организацискиот совет „Правда за затворениците на случајот „Монструм“, преку писмо бара од СДСМ, доколку ги има да ги објави прислушуваните разговори за овој случај и како што велат во писмото, вистинските виновници да бидат јавно објавени. Тие велат дека се длабоко убедени дека случајот е целосно монтиран и дека најмалку има врска со оние кои денеска се осудени со доживотен затвор внатре затворските ќелии.

„Доколку Вие денеска ги поседувате сите овие информации, ние сме убедени дека и информациите во врска со случајот „Монструм“ треба да бидат дел на разговорите кои се водени од државните службеници, кои ние ги сметаме дека ги монтирале овие случаи. Така, последната надеж за семејствата на убиените деца во Смилковското Езеро и ние членовите на семејствата на осудените со доживотен затвор, за да најдеме утеха во нашите убиени и повредени души, лежи во објавувањето на материјалите кои вие треба да ги поседувате“, се вели во писмото.