ВМРО-ДПМНЕ: Заев продолжува со своето деструктивно сценарио

ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција на денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ Зоран Заев за кого истакнува дека „продолжил да го тера своето деструктивно сценарио и без поддршка од граѓаните да објавува креирани, сечени и монтирани материјали“. Народот е најмеродавен да каже кому му верува и на кого ја дава својата поддршка. Дали тоа е политиката на соработки со странски центри спротивно на нивните интереси, уцени, закани, монтирања и лаги кои ги прават Заев и СДСМ, или тоа е политиката на проекти, фабрики, нови патишта, училишта, болници, повисоки плати и пензии кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „наводите кои се обидел Заев да ги конструира на денешната прес конференција се чиста манипулација и невистина“. Владејачката партија посочува дека бомбастичните најави за креирани разговори, се само доказ дека и Зоран Заев е свесен за своите манипулации.„Го потсетуваме Зоран Заев дека за истите конструкции беше испратено официјално соопштение од страна на Владата на Република Македонија, во кое јасно беше одговорено дека Никола Груевски не поседува никаков друг имот надвор од оној кој е пријавен во неговиот анкетен лист, а кој е и јавно објавен. Ваквите наводи на Заев и тогаш и сега се целосно измислени и невистинити, се вели во реакцијата.