Протест на Наставничкиот пленум пред МОН

Неколку стотици наставници, членови на Наставничкиот пленум се собраа на протестен собир пред министерството за образование и наука. Извикувајќи „Доста беше молк“, тие бараат да се повлечат спорните образовни реформи.

„Бидејќи Министерството ни донесе лоши реформи, денеска се собравме на мирен протест, затоа што сакаме квалитетно образование. Не можевме да го одржиме протестот во работен ден поради притисоците. Не можевме ниту вчера бидејќи во некои училишта се одработуваше и саботата. Затоа, тука сме да покажеме дека сме храбри“,изјавија дел од наставниците. Пред самиот почеток на протестот на наставниците, поддршка им дадоа и членовите на Професорскиот пленум.

„Професорскиот пленум безрезервно го подржува Наставничкиот пленум и протестите организирани против новите законски решенија во основното и средно образование, односно Законот за основно и средно образование, Законот за наставници и Законот за Академија на наставници“, стои во нивното соопштение.

Во однос на прашањата врзани со екстерното тестирање и новиот концепт на матура, Професорскиот пленум потсетува дека тестирањето претставува само еден од многуте инструменти кои се користат во методологијата на педагошката евауација и мониторинг. Улогата на екстерното тестирање може единствено да биде оправдана само како мерење на ефектите од образовниот процес кои ќе бидат наменети за да се согледа реалната состојба и да се осознаат слабостите и проблемите во образованието, податоци кои ќе претставуваат основа во креирањето на образовните политики и усовршување на наставните програми и воопшто, подобрување на образованието, велат од Професорскиот пленум. Пред неколку дена и средношколците одржаа протест против екстерното тестирање и лошите реформи во образованието.