Русија потпиша договор за сојуз со Јужна Осетија

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша пакт со отцепениот грузиски регион Јужна Осетија, и покрај осудата од Западот. Путин и де факто лидерот на Јужна Осетија, Леонид Тибилов, денеска во Москва потпишаа договор за „сојуз и интеграција“. Дел од договорот и дава одговорност на Русија да ја гарантира одбраната и безбедноста на Јужна Осетија, вклучително да ги брани и нејзините граници. Безбедносните и вооружените сили кои во моментов имаат задача да го бранат регионот, ќе бидат вклучени во руските вооружени и безбедносни сили. Русија ја призна Јужна Осетија како независна нација по војната против Грузија во 2008 година, иако само мал број земји го следеа нејзиниот пример. Шефот на надворешната политика на ЕУ, Федерика Могерини вчера рече дека планираниот договор го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија.