МОН и СОНК - Екстерното останува, казните се намалуваат

member of the Trade Union.

Министерството за образование и наука и СОНК постигнале согласност за повеќе теми кои во изминатите месец и половина беа предмет на договарање меѓу двете страни. Тие усвоиле спогодба врз основа на која во следниот период ќе се иницираат измени во законските и подзаконските акти.

Екстерното тестирање како процес за проверка на знаењето на учениците и на објективноста на оценувањето на наставниците, останува да се имплементира како механизам за зголемување на квалитетот на образовниот систем во земјата. Резултатите од процесот на екстерното тестирање, нема да имаат реперкусии врз личните примања на наставниците, доколку се најдат на листата со најголеми отстапувања во оценувањето на учениците, притоа, сé додека се наоѓаат на таа листа, можноста за кариерен напредок ќе биде во мирување, а обуките, односно советувањата и натаму задолжително ќе мора да се посетуваат. Оние пак наставници што ќе имаат најмалку отстапувања ќе имаа зголемување на 10 проценти на платата за наредните 9 месеци.

Новини ќе има и во водењето на педагошката евиденција. Започнуваат активностите за нејзино поедноставување, преку целосно укинување на хартиениот дневник во следните 2 години, односно единствено водење на електронскиот дневник почнувајќи од учебната 2017/2018 година.

Казнените одредби од законите за основно и средно образование по сите основи се групираат по тежинско ниво, но и се намалуваат за 20 проценти. Ќе има дополнителни олеснителни околности при првиот сторен прекршок, но и поголема ригорозност при секој нареден.

Министерството и СОНК се согласни и за продолжување на преговорите за утврдување на реалните можности за зголемување на платите во образованието, а во контекст на тоа ќе се интензивираат договарањата за воведување на звања на наставниците, утврдени со Законот за наставници. Нешто за кое, според ставот на двете страни, постои цврста обострана верба, затоа што платите во образованието и досега етапно се зголемуваа, исто како и платите во сите останати ресори.

Спогодбата во која детално се дефинирани решенијата е усвоена на денешната седница на Советот на СОНК, на која освен поширокото раководство на синдикатот, присуствуваа и министерот и заменикот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски.