Ирачките сили чекаат засилување во офанзивата на Тикрит

Ирачките сили и претежно шиитските милиции, кои се борат да ја повратат контролата врз градот Тикрит од Исламската држава, втор ден по ред паузираат чекајќи засилување. Извор во локалната воена команда за новинската агенција Ројтерс изјавил дека е донесена одлука да се запрат операциите додека не се направи одржлив план за пробивање во центарот на Тикрит. Тој, сепак, не даде временска рамка за доаѓањето на засилувањето. Војската почна офанзива за преземање на Тикрит пред 13 дена. Милитантите од Исламската држава ја држат контролата врз градот од јуни 2014 година. Околу 30 илјади припадници на владините сили, шиитските милиции поддржани од Иран и локални племенски борци се мобилизирани за операцијата која е поддржана од ирачки авиони и хеликоптери. Сепак, нивниот напредок е забавен поради големиот број нагазни мини, стапици и снајперисти.