ССНМ реагира, МРТВ се оградува од упадот во Канал 103

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) е запрепастен и згрозен од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТВ, се вели во денешното соопштение на ССНМ.

Обезбедувањето на зградата на Македонската радиотелевизија (МРТ) вчера вечерта упадна во емисија на независното музичко радио Канал 103, кое емитува програма од овој објект, и го легитимираше водителот. Оваа реакција на обезбедувањето следува по новиот обид на генералот Стојанче Ангелов да влезе во зградата на јавниот сервис и да ги презентира снимките од телефонските разговори коишто ги објави опозицијата.

Лицата од обезбедувањето не му дозволија да биде гостин во ниту програмата на Канал 103.

„Сметаме дека станува збор за директна, груба цензура која комплетно ја соголува драматичната состојба со слободата на информирањето во МРТ. Никакви правила и процедури не можат да го сокријат фактот дека на водител на емисија му е оневозможено на најгруб и насилнички начин да ја врши својата работа. На отворен микрофон го слушнавме „обезбедувањето“ на МРТ како без каква и да е задршка го легитимира водителот и го отстранува од програмата. ССНМ најостро го осудува ваквиот чин и бара одговорност од раководството на МРТВ, како и објаснување чие обезбедување влегло во програма на отворен микрофон, на МРТВ или на приватна компанија за обезбедување“, вели синдикатот

ССНМ најави дека за овој инцидент ќе ги информира сите меѓународни новинарски организации, вклучително и Меѓународната и Европска федерација на новинарите.

Македонската радио телевизија, пак, најостро ги демантира тврдењата во јавноста дека направила упад во програмата на радиото Канал 103.

„Радиото Канал 103 емитува програма од објектот на Македонската радио телевизија и МРТ нема никаква формална, организациска и програмска допирна точка со истото. Оттаму, уште еднаш се оградуваме од вчерашниот настан. Ниту МРТ, како институција, ниту некој нејзин вработен е дел од истото случување“, велат од службата за информирање на јавниот сервис.

Агенцијата за обезбедување „Бранител“, која ја чува зградата на Македонската радио-телевизија, денеска преку писмена изјава за НОВАТВ ги отфрли тврдењата дека нивни вработен направил упад во радиото Канал 103.

„Вчера по барање на наш вработен, којшто беше на смена во МРТ, лицето од радиото 103 да покаже документ за идентификација, истото одговорило дека личната карта му е во студио. Нашиот службеник заедно со лицето се качиле во студиото. Лицето по влегувањето во студиото веднаш почнало со емисијата, игнорирајќи го присуството на нашиот службеник. И по поминување на 15 минути и љубезно чекање од страна на нашиот вработен истото лице не давало документ за идентификација. По сето ова, службеникот од нашата агенција согласно стандардната процедура го замолил да дојде со него до пријавницата за да го заведе во книгата за посетители и да си продолжи со реализацијата на емисијата. Сакаме да информираме дека ова е стандардна процедура за сите лица кои не се вработени во МРТ, а ги користат просториите за најразлични програмски цели“, велат за НОВА од агенцијата која 24 часа ги обезбедува објектите на Македонската радио-телевизија.