Петмина „бомбаши“ на пат кон Скандинавија уапсени во БиХ

Босанската полиција соопшти дека уапсила петмина мажи, под сомнеж дека изработиле експлозивна направа со која сакале да извршат напад во една скандинавска држава.

Осомничените, четворица босански и еден шведски државјанин со арапско потекло, се товарат дека ја изработиле бомбата во Босна и Херцеговина по нарачка од една скандинавска држава.

Тројца од осомничените терористи биле уапсени на границата при обид за излез од БиХ, а останатите двајца се приведени во Сараево.

Во соопштението се наведува дека акција е спроведена во координација меѓу полициите на БиХ, Шведска и Холандија.

Босанската полиција во своето соопштение наведува дека бомбата била намената за извршување на терористички напад. Меѓутоа, шведската полиција ги негираше ваквите тврдења, нагласувајќи дека бомбата „не е поврзана со терористички, туку со криминални активности во јужна Шведска“.