Обвинителството покани експерти од ЕУ за актуелните предмети

Јавното обвинителство на Република Македонија достави официјална покана до органите на Европската унија за испраќање на меѓународни експерти, кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети. Во соопштението на веб-страницата, Јавното обвинителство истакнува дека има капацитет да се справи со сите предмети, но како што велат, поканата до меѓународните експерти е доставена во насока нивната транспарентност и со цел оневозможување на шпекулациите за работењето на јавните обвинители во предметите поврзани со актуелните случувања.

„Ваквата одлука е одраз на цврстиот став дека јавните обвинители доследно постапуваат согласно законите и дека јавноста нема причина за сомневање за нивното постапување. Овозможувањето меѓународни експерти да бидат во тек со работата по предметите е само поради целосна транспарентност при работењето и отстранување на евентуалните сомнежи во објективноста на нашето постапување“, се вели во соопштението.