Јашари: Излез од кризата со меѓународно посредство

Министерот за правда Аднан Јашари, денеска изјави дека е неопходно политичко разрешување на актуелната ситуација со меѓународно посредување, што ќе биде прифатливо за сите страни.

„Многу е битно решението што ќе произлезе од едно такво посредување да биде прифатливо за сите страни. Ако решението не е прифатливо за сите страни, џабе е се, рече Јашари денеска на паузата на седницата на Судскиот совет на која се избира претседател за оваа институција. Според министерот за правда, институциите во државата треба да имаат капацитет да го решат проблемот.

За тоа дали институциите имаат или немаат капацитет, дали се има доверба во капацитетот на нашето право, ќе добиете одговор од народот, истакна Јашари.

Во врска со наводите за прислушување, Јашари вели дека во Македонија има правна инфраструктура што го регулира тоа прашање како што е Законот за следење на комуникации и Кривичниот законик во кои е предвидено и посебно кривично дело во случај на злоупотреба.