Ирачките сили напредуваат во Тикрит

Ирачките владини сили напредуваат во Тикрит на неколку фронта, принудувајќи ги милитантите на Исламската држава да се повлечат во центарот на градот. Ирачките трупи и шиитската милиција вчера од северните и јужните делови влегоа во Тикрит. Министерот за одбрана Калед ал-Обеиди, денеска соопшти дека се очекува безбедносните сили да стигнат до центарот на градот за три или четири дена. Официјалните лица соопштија дека владините сили ќе се воздржат од брзо напредување за да избегнат непотребни загуби. Милитантите употребуваат снајпери и самоубиствени напади со автомобили бомби, минофрлачи и митралези за да ја одвратат офанзивата за преземање на Тикрит, кој од јуни 2014 година е под нивна контрола.