Трајанов: Вељаноски да закаже седница за актуелната политичка ситуација

Пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, побара од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да закаже собраниска седница на која ќе се расправа за актуелната политичка состојба во државата.

Трајанов вели дека во последниот месец се презентирани бројни информации, аудио и видео снимки, како и други материјали за кршење на основните човекови права, за кршење на Уставот и законите, како и за употреба (злоупотреба) на системите за прислушување и слично.

„Сето тоа во голема мера придонесе политичките и вкупните состојби во Република Македонија да навлезат во длабока политичка криза, која има негативен одраз врз функционирањето на Владата, министерствата, како и создавање недоверба во другите државни институции и органи, Јавното обвинителство, Судот и слично“, се вели во писмото испратено до Вељаноски.

Според Трајанов, преку јавната презентација на аудио снимките, на некои од министрите и функционерите сериозно им е нарушен кредибилитетот и интегритетот поради изнесените информации за нивна „вклученост“ во кршење на изборните правила, влијанието врз правосудните институции, медиумите, бизнисмените, вели Трајанов.