Во Рига средба Попоски – Коѕиас

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Попоски и Никос Коѕиас, денеска се сретнале во Рига, на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, соопшти грчкото министерство за надворешни работи. Во соопштението објавено на нивната интернет страница се наведува дека Коѕиас на Попоски му ги повторил долгогодишните цврсти позиции на грчката страна во врска со разговорите што се водат со посредникот на ОН Метју Нимиц, „подвлекувајќи дека Грција има направено значајни чекори во насока на заемно прифатливо сложено име со географска одредница за сите употреби домашни и меѓународни (ерга омнес) и оти Грција чека македонската страна да го покаже истиот одговорен став и подготвеност за решавање на проблемот“.

„Во врска со изгледите за членство на ПЈРМ во Европската унија и НАТО, Коѕиас изјави дека одлуката ќе биде донесена врз основа на критериумите и процесите кои се во сила за сите земји-кандидати, како и дека одлуката ќе биде колективна. Од особено значење во оваа насока се функционирањето на демократијата, мирни меѓуетнички односи, регионална стабилност, почитување на принципите на добрососедство, како и прекин на иредентизмот“, се вели во соопштението.

Според грчкото МНР, „во врска со проблемот со иредентизмот, кој македонската страна го манифестира на различни начини“, Коѕиас нагласил дека тоа е вистинскиот проблем зад прашањето за името. Грчкиот министер рекол дека „со цел соочување со иредентистичката политика, тој има намера на Владата на соседната земја да и предложи усвојување мерки за градење доверба, како понатамошен чекор на добра волја на грчката страна“.