Двајца приведени за убиството на Немцов

Двајца осомничени за поврзаност со убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов се приведени. Александар Бортников, директор на Федералната служба за безбедност,за телевизијата Канал 1 денеска изјави дека Заур Дадајев и Анзор Кубашев се приведени под сомнение за вршење на злосторство.
Тој рече дека осомничените се жители на кавкаскиот регион. Бортников додаде и дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за приведувањето и дека истрагата продолжува. Обласниот суд во Москва се очекува утре формално да се изјасни за приведувањето и обвиненијата против осомничените. Шефот на рускиот совет за човекови права Михаил Федотов за Интерфакс изјави дека е важно тие што го нарачале и организирале убиството на Немцов да бидат изведени пред правдата исто како и оние што го извршиле злосторството. Адвокатот на Немцов Владимир Прокохоров на новинарите им рече дека тој не бил информиран, но дека ваквиот развој на настаните бил добра вест. Немцов важеше за силен критичар на Путин и војната во Украина. Тој беше убиен во близина на Кремљ на 27 февруари.