Бомба 7 на СДСМ: Кражба на избори – 50 души во стан од 40 квадрати

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, на денешната прес-конференција во партиското седиште, на која ја објави таканаречената седма бомба, објави, како што рече, докази за „изборните грабежи што ги прави премиерот Никола Груевски со неколкумина негови соработници“. Заев објави снимени телефонски разговори меѓу, како што рече, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и меѓу Божиновски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, разговори меѓу Груевски и Јанакиески, како и разговори со други партиски функционери.

„Имаме по 50 души во стан од 40 квадрати“, вели женскиот глас на една од снимките, за кој Заев тврди дека е министерката Јанкулоска.

„Да ни беа преспанците ќе завршевме работа“, вели машки глас, кој според Заев е на премиерот Груевски, кога зборува за првиот круг од локалните избори во Општина Центар.

Има по 40 луѓе во една куќа во село со 40 гласачи, се слуша на друг разговор.

Заев вели дека на разговорите се слушаат докази за фалсификувани лични документи, казни од илјадници евра на фирми, такси компании, најбезобразни притисоци врз земјоделци, социјалци, наставници и администрација.