ЦК на ВМРО-ДПМНЕ:Нема да дозволиме насилно превземање на власта

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа седница на која покрај другото ја разгледа актуелната политичка состојба во земјава и му даде целосна и безрезервна поддршка на претседателот на партијата и премиер Никола Груевски.

Во соопштението се осудува, како што се вели, недозволивото, срамно и деструктивно однесување на раководството на СДСМ и нивната стратегија за предизвикување на дестабилизација на Република Македонија.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ без никаква дилема упатува јасна порака до сите дека нема да дозволи спроведување на туѓи сценарија, дестабилизација на државата и насилно превземање на власта спротивно од волјата на мнозинството граѓани. Сите оние што наумиле да ја воведат државата во такви сценарија добро е со време да се откажат, се вели во соопштението.

Партијата апелира до сите членови и симпатизери да не наседнуваат на провокации, а избраните функционери да продолжат да работат во интерес на граѓаните и да креираат нови проекти.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ апелира и ги повикува сите надлежни државни институции максимално професионално, одговорно и ефикасно да ги испитуваат и разрешуваат сите сомнежи и прашања поврзани со актуелната состојба во државата, се наведува во соопштението