Јанакиески: снимките за Космос се монтирани

Снимките кои беа вчера презентирани во јавноста претставуваат монтиран процес на странски служби, кои Зоран Заев ги користи за свои цели, односно неговата цел е да дојде по секоја цена на власт, оцени министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Прашан за коментар за снимките што вчера ги објави лидерот на опозицијата Заев во кои е инволвиран Јанакиески, по доделувањето решенија за легализација на бесправно изградени објекти во општина Кисела Вода, тој рече дека Заев има една единствена цел, да создаде страв кај граѓаните.

„Заев со својот тим не само што сака на нелегитимен начин да дојде на власт, туку и самиот се доведува во дефанзива, служи на странските служби кои прислушкувале во Република Македонија. Срамота е и жално што СДСМ секогаш се става во одбрана на оние што го прекршуваат законот и ова не е првпат“, рече Јанакиески.

Во однос на случајот Космос, кој вчера беше презентиран, тој истакна дека целосно е постапувано согласно со законот.

„Одговорно тврдам дека целосно е почитуван законот за градење, бидејќи Министерството за траспорт и врски на двапати ја прифати жалбата на инвеститорот и притоа беше издадено одобрението за градење. По утврдување на фактичката состојба од страна на општината Гази Баба, за што вчера имаше соопштение, беше утврдено дека објектот не е во согласност со проектот и поради тоа беше донесено тоа решение. Потоа беше доставена жалба до Министерството која беше одбиена согласно член 69, став 3 од Законот за градење.“

Дека решението на Министерството за транспорт и врски и на општината Гази Баба се во согласност со законот покажува и фактот што компанијата сама ја повлече жалбата од Управниот суд што ја поднесе, додаде Јанакиески, истакнувајќи дека и инвеститорот имал изјава оти комплексот Космос е дивоградба и оти Министерството исклучиво постапувало согласно Законот за градење.