Единаесет години од смртта на претседателот Трајковски

Во Македонија и во Босна и Херцеговина денеска ќе бидат одбележани 11 години од смртта на македонскиот претседател Борис Трајковски кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар. Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат повеќе делегации и граѓани. Годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Цвеќе ќе биде положено и на спомен белегот во Ротимље во БиХ. Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осум члена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. За несреќата беа извршени две истраги. И во двата извештаи како причина за падот на „кингерот“ се пилотските грешки и други индиректни системски пропусти.